Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ не открива колкумина од досегашните пратеници ќе бидат на листите за влез во новиот парламентарен состав
Кандидатските листи на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат комбинација од повеќе нови имиња, но и од искусни кадри. Ова го најавува генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, во интервју за МИА, избегнувајќи конкретен одговор колкумина од досегашните пратеници ќе бидат на листите.
„Заеднички именител ќе биде тоа што понудата за пратеници ќе биде таква каква што на граѓаните им е потребна и каква граѓаните бараат. Со интегритет, чесни, со искрени намери да работат за Македонија. При изборот важни ни се анкетите кои континуирано ги работиме, но и мислењето на базата односно општинските комитети кои постојано се на терен. Ќе имаме некомпромитирани кадри кои со срце ќе се борат за обнова и подобар живот во Македонија. Обновата ќе ја донесат луѓе со кредибилитет за кажаниот збор. Тоа е нашата обврска“,
истакнува Јанушев.
Постапката за избор на пратеници е во тек, вели генералниот секретар на опозициската партија. Јанушрев додава и дека партиската програма за следните избори е во финална фаза, а главниот фокус ќе биде посветен на економијата.
За престојните избори, извесно е дека првпат од 2002 година, Никола Груевски, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, нема да биде носител на листа, ниту кандидат за пратеник. Но неизвесно е дали сегашниот лидер Христијан Мицкоски премиерно ќе настапи како носител на листа на партијата во некоја од шесте изборни единици или ќе настапува само како кандидат за премиер.
Кампања
Официјалната кампања за изборите што се договорени за 12 април би почнала по 20 март, додека листите за кандидати за пратеници партиите треба да ги достават во ДИК кон средината на следниот месец. Но, иако се уште не е означен официјален старт на предизборието, неформалните кампањи на партиите се во полн ек, во очекување да се распушти парламентот.
Во однос на тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе настапува во предизборието, Јанушев вели за МИА дека најдобра кампања е непосредниот однос со граѓаните.
„Ќе го преферираме директниот контакт и посетата на населени места. ВМРО-ДПМНЕ нема да се расфрла со скапи кампањи и во рамките на своите можности ќе настапи пред граѓаните, но сериозно големо внимание ќе посветиме на суштината, а тоа е понудата на проекти и реформи кои треба да се спроведат. Во ситуација кога имаме извесна спрега на власта со одредени медиуми и скапа медиумска кампања на власта, а ќе ве потсетам дека проценките се дека во месец јануари по пазарни услови СДСМ потроши околу еден милион евра за реклами, најдобар начин да допрете до граѓаните е преку средби и непосреден контакт. Социјалните медиуми ќе бидат исто така нашиот канал со кој ќе допреме до граѓаните“,
вели Јанушев.