Како што објави телевизијата Кобра од Радовиш, на протестот биле приврзаници на актуелниот градоначалник Герасим Конзулов кој нема да биде кандидат на СДСМ на претстојните локални избори
Членови на СДСМ од Радовиш, приврзаници на актуелниот градоначалник Герасим Конзулов, поради незадоволството од изборот на новиот кандидат за градоначалник Коле Чаракчиев што беше промовиран од партијата, се собраа на протест на кој го запалиле партиското знаме и членски книшки, објави телевизијата Кобра од Радовиш.
Тоа може да види и во видеото што го објави телевизијата во вестите.


„Со последните одлуки на Извршниот одбор, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија заедно со граѓаните ја заокружи најдобрата кадровска понуда со која СДСМ излегува пред граѓаните на локалните избори на 17. октомври. Во Радовиш, СДСМ настапува со кандидатот Коле Чаракчиев кој е дипломиран електро инжинер, актуелен пратеник со работно искуство во приватен и јавен сектор. До СДСМ беа поднесени 600 кандидатури за градоначалници и 5 000 кандидати за советници преку можноста за самокандидирање, но и во постапките во рамки на партијата. По спроведентите испитувања на јавното мислење, на мислењето на граѓаните, анализите и истражувањата, консултациите со нашето членство, целосно се заокружи процесот на избор на кандидати и со одлука на раководството дефинирани се 69 кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ“,
се вели во реакцијата од партијата во врска со одржаниот протест на дел од членството на СДСМ во Радовиш.