Советите на родители од основните и средните училишта од Кичево овие барања ги доставиле до општинскиот кризен штаб, по што градоначалникот Дехари ги проследил до Комисијата за заразни болести
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, се обратил до Комисијата за заразни болести и побарал одложување на учебната година или да се одржува на далечина додека состојбата со ковид-19 не се стабилизира.
„Следејќи ја внимателно состојбата со пандемијата во градот Кичево, денеска Кризниот штаб на одржаниот состанок ги разгледа барањата на Советите на родители од основните и средните училишта, со што одлучивме да се обратиме до Комисијата за заразни болести со барање за одложување на почетокот на учебната година или одржување на наставата од далечина на одредено време“,
соопшти Дехари.
Тој се надева дека Комисијата ќе го прифати барањето со цел да се ублажи ширењето на вирусот кај жителите од Кичево.
„По добивањето на одговорот, ќе бидете навремено известени за почетокот на учебната година“,
додава Дехари.
Во последниот месец во Кичево се зголеми бројот на случаи на ковид-19, а во моментов активни се 616 случаи. Според денешната статистика на Министерството за здравство, пријавени се и четири смртни случаи од овој град, а регистрирани се и 26 оздравени пациенти.