Кандидатурите за градоначалници и за советници до Општинските изборни комисии се поднесуваат до 11 септември
На полноќ завршува рокот за собирање потписи за независни кандидатури за градоначалници и советници за локалните избори закажани на 17 октомври.
Досега се собрани потписи за 18 независни кандидати за градоначалници, а за уште 15 кандидати продолжува процедурата. Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК потребните потписите ги собрале и 38 независни групи избирачи за советнички листи, а за 26 се во тек.
Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК ќе работат денеска до 24 часот, кога истекува законскиот рок за собирање потписи.
Кандидатурите за градоначалници и за советници до Општинските изборни комисии се поднесуваат до 11 септември.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера соопшти дека ќе ја поддржат Данела Арсовска за градоначалник на Град Скопје, која минатата недела ги собра потисите како независна кандидатка.
За денеска најави дека ќе објават уште десетина кандидати за градоначалници.
Разноликоста на листите е потврда за слободата и демократијата, изјави премиерот Зоран Заев. Според него, СДСМ има одлична соработка со ДУИ, БЕСА и со ДПА, а коалицијата е стабилна и единствена.
Владејачката партија до минатата недела објави 50-тина кандидати за градоначалници досега.
Во тек е и јавниот увид во Избирачкиот список, што завршува на 9 септември.Заклучно со 28 август 2021 година, како што соопшти Државната изборна комисија, вкупно 7909 лица се провериле во Избирачкиот список.
Од ДИК велат дека се поднесени вкупно 17 барања за запишување во Избирачкиот список, 12 барања за бришење на податоците од Избирачкиот список и осум барања за измена на податоците во Избирачкиот список. Исто така, Државната изборна комисија информира дека на нивната мејл адреса „[email protected]“ се поднесени вкупно 23 барања.
Ова ќе бидат први избори на којшто во земјата ќе се применат терминали за вчитување на отисоци од прсти. Првите 200 терминали се очекува во ДИК да бидат во текот на оваа недела по што ќе почне и едукацијата за нивна примена на изборите. Локалните избори ќе се одржат со мерки за заштита од ковид-19.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека за безбедноста на податоците ќе се грижи цел тим од ИТ инженери, а посебен тим ќе се грижи само за апаратите за отпечатоци на прсти и дека уредите за отпечаток на прст не можат да бидат мета на хакерски напади.
Уредите се набавуваат од компанијата „Демалог“, која има искуство со изборите во Авганистан, парламентарните во 2018 г. и претседателските 2019 г. Во пресрет на набавката на почетокот на овој месец, како што објави „360 степени“, од Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА), која ги набљудува изборите во оваа држава, до институциите во земјава и до претставници на ДИК пристигнало писмо (по електронски пат) со предупредување за тамошното лошо искуство со „Дермалог“.