Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека ваква одлука донеле ИК и ЦК на партијата откако Арсовска претходно доставила до нив, како што рече, програма и визија за Скопје за која разговарале
ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Скопје ќе оди со Данела Арсовска, која неделава собра потписи како независен кандидат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека ваква одлука донеле ИК и ЦК на партијата откако Арсовска претходно доставила до нив, како што рече, програма и визија за Скопје за која разговарале.
„Денеска донесовме значајна одлука која значи промени за Скопје, за Скопје на сите луѓе. На Скопје му треба менаџер кој ќе ги обедини најдобрите и најуспешните, за да биде град на сите луѓе и од тоа се водевме во нашата одлука. Ова е решение кое обединува натпартиски и докажани кадри“,
рече Мицкоски.
Тој најави дека утре на прес-конференција ќе соопштат уште десетина кандидати за градоначалници и не сакаше да обелодени ниту едно име засега.
Арсовска во петокот објави дека ги собрала потребните потписи за на овие избори да учествува како независен кандидат.
Мицкоски смета дека Арсовска е сигурен победник во Скопје и упати критики за досегашното менаџирање со градот од Петре Шилегов, кого владејачкиот СДСМ повторно ќе го кандидира за уште еден мандат.
„Скопје доживува сериозна стагнација, имаме четири промашени години, не се остварија клучните ветувања за проекти. Ако оправдувањето на власта е дека немало пари во буџетот, ќе кажам дека за овие четири години се потрошени 4 буџети или 400 милиони евра, а градот е без решение за многу проблеми – делови на градот немаат вода за пиење, немаат канализација, се поплавуваат, нема Луна парк, само бетон“,
рече Мицкоски.
Повеќе медиуми денеска објавија дека се очекува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, иако кога пред десетина дена ВМРО-ДПМНЕ објави неколку десетици имиња за кандидати за градоначалници, на тогашната прес-конференција не беше потврдено дека Арсовска е фаворит на опозицијата за кандидатурата за главниот град.
Арсовска, пак, денеска, на Фејсбук објави дека се сретнала со Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и со Беким Сали од Алтернатива, двете партии со кои ВМРО-ДПМНЕ во петокот објави дека договориле предизборна соработка.

„Конструктивна средба со Арбен Таравари генералниот секретар на Алијанса за Албанците, доктор и актуелен градоначалник на Гостивар и Беким Сали, кандидат за градоначалник на општина Чаир од Алтернатива. Разговараме за идеите и решенијата за Скопје за новата програма за градот. Заедно заклучивме дека се неопходни квалитетни и ефикасни решенија за Скопје и скопјани“,
напиша таа на својот фејсбук-профил.