Освен во „Дрисла“, ДИЖС направиле вонреден инспекциски надзор и во рудникот „Булмак 2016” во Пробиштип, каде е утврдено дека има истекување на јаловина
Во А Интегрираната еколошка дозвола за „Дрисла“ се наведени 22 шифри на опасен отпад, за кои депонијата не поседува соодветна инсталација, тврдат од Државниот инспекторат за животна средина. По спроведените контроли месецов на депонијата, од ДИЖС информираат дека „Дрисла“ добила забрана за прием и третман на спорните шифри на отпад.
„Во Додаток 3 се наведени 22 шифри на опасен отпад за кои субјектот не поседува инсталација за третман и/или преработка на опасниот отпад, а исто така во дозволата не се опишани операциите, постапките, ракувањето и отстранувањето на опасниот отпад за овие шифри. Поради претходно наведеното, донесено е решение со кое на правниот субјект му се забранува прием и третман на опасен отпад за шифрите од Додаток 3 од А Интегрираната Еколошка дозвола за кои не поседува соодветна инсталација, а исто така треба согласно решението да се раскинат сите договори склучени со правни лица за прием и третман на видовите опасен отпад со наведените шифри, за своето постапување да го извести Државниот Инспекторат за животна средина“,
се вели во соопштението од ДИЖС.
Ако се погледнете дозволата на „Дрисла“, во Додаток 3 стојат 36 шифри на отпад кои може да бидат примени и третирани на депонијата. За Инспекторатот спорни сe: агрохемиски отпад што содржи опасни супстанци, други средства за заштита на дрво што содржат опасни супстанци, отпад што содржи опасни силикони, неоргански средства за заштита на растенија, дрво и други биоциди, искористен активен јаглен, отпадни бои и лакови што содржат органски растворувачи, отпад од остранување на бои и лакови што содржат органски растворувачи, летечка пепел од согорување што содржи опасни супстанци, отпад од прочистување гасови, пакување што содржи остатоци или е загадено со опасни супстанци, метално пакување што содржи опасни, цврсти порозни матрици, расторачи, киселини, бази, пестициди, флуоресцентни ламби што содржат жива, бои, мастила, лепила и смоли што содржат опасни супстанци, како и детергенти и дрва што содржат опасни супстанци.
Оттаму велат дека по претставка на граѓани извршиле проверка на целосната документација за добивање А-интегрирана дозвола, а вонредните инспекциски надзори се случиле на 19 и 25 месецов.
Освен во „Дрисла“, ДИЖС направиле вонреден инспекциски надзор и во рудникот „Булмак 2016” во Пробиштип, каде е утврдено дека имало истекување на јаловина, но бидејќи било интервенирано брзо, таа не навлегла во реката Киселичка. Издадено е решение површината зафатена со јаловина да се исчисти.
„Направен е Записник за започнување на постапка за посредување за трета категорија на прекршок по Законот за животната средина со бр:ИП1-1765 од 26.08.2021г. и Барање за поведување на постапка за посредување согласно член 212г до Комисијата за посредување при Министерството за животна средина и просторно планирање. Висината на глобата од Трета категорија за правното лице е до 100.000 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице глобата е 30% од одмерената глоба за правното лице. За статусот на предметот и одлуката на Комисијата за посредување при МЖСПП, ДИЖС ќе ја извести јавноста навремено“,
велaт од ДИЖС.