Слично како и пред неколку месеци во Атина, на денешната средбата во Скопје се разговарало и за ставање во функција на дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани, со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет
Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој на средбата како што информираа од Владата, ја истакнал како исклучително значајна иницијативата „Отворен Балкан“. Тој потенцирал дека целите кон кои се стреми овој проект, за поврзување на регионот во заеднички пазар и на многу други нивоа, ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и на Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Блер додал дека „Отворен Балкан” е иницијатива спротивна на националистичките агенди и дека со ова трите земји предводнички јасно и покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат.
Поранешниот лабурiстички премиер на Велика Британија информирал дека доаѓа во Скопје во име на неговиот Институт за глобални промени, кој во својот фокус ја има поддршката за технолошки развој на земјите кои имаат амбиции да бидат компетитивни и да бидат во чекор со технолошки напредните земји.
Заев ја оценил како добредојдена и во вистинско време посетата на Блер на нашата земја и на регионот, особено во контекст на определбата за забрзана дигитализација на земјите иницијатори на „Отворен Балкан“, како неопходен чекор за остварување на целите на иницијативата.
На средбата се истакнати придобивките што со дигитализацијата може да ги добие Северна Македонија, во делот на менаџирање со податоци при справувањето со ковид-19, односно за ставањето во функција на дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани, со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.
Заев и Блер се согласија дека вакцинацијата е најдобро глобално решение во борбата со ковид и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација.
На оваа тема, Заев и Блер разговараа и пред неколку месеци, на средба во Атина, на маргините на економскиот форум „Делфи“.