Преку писмото што го прочита за време на промоцијата на Иван Јорданов за градоначалнички кандидат, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати 10, како што рече, клучни пораки до опизициските кандидати на овие избори
Писмо до кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Штип, Иван Јорданов, прочита партискиот лидер, Христијан Мицкоски, на денешниот собир во овој град. Со писмото, како што посочи, им испраќа 10 клучни пораки на сите опизициски кандидати за градоначалници. Мицкоски му порача на Јорданов да направи компетентна администрација, да се справи со локалните бизнис моќници, да биде достапен за секого, со парите од општината да биде штедлив, да се грижи за екологијата во градот…
„Доста беше од локални бизнис моќници, и новокомпонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните…Затоа најчесто таквите градоначалници од власта ги викаат со популарно име ‘комшии’, кои што во секоја нова зграда, ако претходно не заиграло куферчето пари добиле нов стан, а колку повеќе згради толку повеќе и станови. Затоа Иване кога ќе ти дојде некој таков веднаш да го избркаш така силно што никогаш друг пат нема да му текне да направи таков нечесен потег, и да го поздравиш со пријава до полиција. За памет да не им текне на сите идни да ти се доближат со такви идеи“,
рече Мицкоски во неговото обраќање од Штип.
Мицкоски побара од кандидатот за градоначалник Јорданов, доколку ја добие довербата од штипјани да обезбеди секое урбано место во градот да има канализација и водовод за секој да има пристојни услови за живот.
„А, не како сега. Кофите на рамо по свежа вода, ама важно полна им е устата со Европа, а недела го прогласиле за неработен ден, во услови кога 60 илјади наши сограѓани останаа без работа. Четири години нов автопат нема изградено, освен оние кои ги наследија од времето на ВМРО-ДПМНЕ. Не смее да има поголемо населено место без нов асфалт. Потребни се конекции помеѓу населените места“,
рече Мицкоски.
Тој им порача на кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ да бидат транспарентни и достапни за граѓаните и да не заборават дека тие им служат на народот, а не обратно.
„Кон трошењето на парите во општината мора да имаш пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста е расипништво какво што гледаме денес. Службени ручеци, гозби, на државна сметка платени од гладниот народ“,
рече Мицкоски.
Јорданов, актуелен пратеник на ВМРО- ДПМНЕ, ќе се обиде да стане градоначалник на Штип, негов противкандидат од СДСМ ќе биде Сашко Николов, актуелниот штипски градоначалник.