Првиот човек на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски за Алсат М критикуваше дека биле дозволени свадби и венчавки на кои не се почитувале мерките што е причина за овој четврти бран од пандемијата кај нас
ВМРО-ДПМНЕ бара оставки во власта поради тоа што не ја сушале Комисијата за заразни болести во однос на мерките. Потпретседателот Александар Николоски се повика на изјавата на првиот човек на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски за Алсат М, во која тој критикуваше дека биле дозволени свадби и венчавки на кои не се почитувале мерките што е причина за овој четврти бран од пандемијата кај нас.
„После таква изјава на човек кој е предводник на целата оваа политика на мерки во однос на короната, кои според мене се неефикасни од самиот почеток на пандемијата до денес, и кога таква изјава доаѓа од перјаница на власта од идеологот на овие мерки и кога е јасно дека власта не го послушала, јасно е дека оставки мора да има“,
изјави денеска Николоски на прес конференција, додавајќи дека непочитувањето и непридржувањето до мерките значат загубени човечки животи .
Караџовски за Алсат вели дека ситацијата е неизвесна со тенденција да се влошува.
„Зошто ни се случува ова? Целосното непочитување на мерките во некои делови на земјата, големата организација на свадби и други забави каде што не се носеа маски, немаше дистанца ниту средства за дезинфекција и најлошото од сето – масовно групирање луѓе на мал простор. Ако ми кажете стотици, би рекол дека имаше илјадници венчавки, на кои некои заборавија дека вирусот постои. Ако тогаш имавме десетици случаи, денес имаме околу 1.200 случаи, така што ситуацијата е неизвесна со тенденција да се влошува“,
изјави Караџовски за Алсат.
Четвртиот бран на пандемијата што избувна од почетокот на август, според здравствените власти ќе го достигне својот пик кон крајот на овој месец. Според претседателот на Комисијата за заразни болести пациент со делта сој може да зарази 7 други лица.
За да не се воведува карантин и полициски час по четврти пат, тој апелира граѓаните треба да се вакцинираат масовно, што е можно побрзо.