Во тетовскиот регион во текот на јули годинава полицијата во педесетина редовни и акциски контроли вкупно регистрирала 1 756 различни сообраќајни прекршоци или 1 035 повеќе во споредба со истиот период лани, информираат од Секторот за внатрешни работи – Тетово.
„При контролите на службениците од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај поради констатирани прекршоци од сообраќај биле исклучени 62 возила. Најмногу од исклучените возила (50) имале истечена регистрација над 30 дена, додека кај 12 возила била утврдена техничка неисправност. Во јули, исто така, од сообраќај биле исклучени и 336 возачи од кои 168 управувале возило без возачка дозвола, 69 под дејство на алкохол, 69 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања, 22 со несоодветна категорија и 8 со важечка забрана за управување“,
вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Во овој период времено биле одземени 43 возила, 83 возачки дозволи и 36 сообраќајни дозволи, додека тетовската „пајак-службата“ вкупно подигнала 105 непрописно паркирани возила.