Заев им пренесе денеска на новинарите дека спикерот Џафери му кажал дека изборните правила ќе останат исти, за да нема забелешки дека нешто се прави во „пет до 12“
Нема да има нови измени на Изборниот законик пред локалните избори на 17 октомври, иако партиите подолго време разговараа за нив, најави денеска премиерот Зоран Заев, упатувајќи на разговор со претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Претседателот на Собранието ме информира дека по последните измени – за отпечатокот од прст и за препораките од ОБСЕ/ОДИХР, законот ќе остане таков каков што е за да нема забелешки дека во ‘пет до 12’ нешто се прави, а притоа тоа би довело само до блокада на законското решение. Законското решение ги потврдува поволностите на независните листи, значи прагот останува ист, ги дава сите досегашните можности на конституирање на кандидатските листи за советници и градоначалници, ја зголеми транспаретноста и одговорноста заради вградените препораки од ОБСЕ/ОДИХР, првпат ќе се гласа со отисок од прст во државата што е гаранција за фер и демократски избори и верувам дека таков исчекор ќе продолжиме и натаму да правиме“,
рече Заев, при посета на Кривогаштани, како што пренесува МИА.
Оние други измени кои останаа, како што рече, а се по препорака на ОБСЕ, на опозициските партии и на дел од медиумите, ќе остане да бидат вградени во Изборниот законик по изборите.
„Една од нив беше да се нивелира процентот за независни листи и веројатно ќе се донесе еден процент или пониско од еден процент за да биде еднакво за сите општини. Имавме други сугестии кои доаѓаа пред се од опозициските партии, но и од медиумите за политичкото рекламирање, што остануваат за веднаш по изборите. Но, сега одиме со овие законски решенија кои, исто така, се соодветни, додека унпаредувањето од тој аспект ќе го продолжиме после изборите. Конечна е одлуката на парламентот. Јас само ја споделувам последната информација од претседателот на парламентот, со кој имав можност да поразговарам во петокот додека славевме 20 години Охридски рамковен договор“,
нагласи Заев.
Тој рече дека СДСМ, следната недела, најдоцна до 25 август, ќе ги соопшти кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори.
„СДСМ и коалицијата на централно ниво трошат доста време за да ги најдат најдобрите кандидати, втора работа е – рамномерната застапеност на советничките листи“,
рече Заев.
Во однос на поддршката на кандидати на ДУИ и на другите партии на Албанците на изборите, тој кажа дека со ДУИ имаат финален договор дека ќе се поддржуваат во првиот или во вториот круг, во зависност од кандидатите.
Не сакаше да коментира околу кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што кажа, тие го дематирале она што било објавено во јавноста, така што ќе чека официјално да бидат соопштени нивните имиња.