Од Министерството за внатрешни работи велат дека досега се приведени пет лица за предизвикување пожари на територијата на Македонија.
„На 5.8.2021 во 19:05 часот, во врска со пожарот во с. Добридол, Гостиварско, кој е локализиран, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Н.Б. (34) од истото село“,
наведуваат од МВР.
Поради постоење основано сомнение дека го предизвикал пожарот, како што велат од МВР, Н.Б. е приведен и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Ова е петто приведено лице во врска со сомненија за предизвикување пожар во последниве три дена.
Во текот на денешниот ден беа приведени по едно лице за пожарите во Прилепско и Радовишко, вчера за пожар во ресенско, а на завчера беше лишен од слобода албански државјанин за пожарот над с. Пожаране, Општина Врапчиште.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека полициски службеници постапуваат и во врска со двете осомничени лица за пожарот кај Блаце и во координација со јавен обвинител за пожарот кај Старо Нагоричане.