Покрај исплатата на вториот дел од платата за јуни, машиновозачите бараат и исплата на надомест за квалитет
Најавениот бојкот на машиновозачите е во текот. Заради неисплатен втор дел од платата за месец јуни, машинскиот персонал во Железници на Република Северна Македонија (ЖРСМ), од денеска во 16 часот бојкотира, потврди за МИА, Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во ЖРСМ – Транспорт.
Бојкотот на машиновозачите, според најавите на Димовски, ќе трае до утре во 11 часот за кога е закажана средба со менаџментот на ЖРСМ.
„Од 16 часот во мирување е сообраќајот во ЖРСМ. Имам притисоци од менаџментот ама ќе издржиме. Ќе се вратат само возовите што утринава тргнаа кон Битола и Гевгелија. Ќе видиме утре дали ќе има промена по состанокот со менаџментот“,
изјави Димовски за МИА.
Тој најави дека до Управниот Одбор на Железници, како и до Министерство за транспорт и врски и до Агенцијата за железнички сообраќај, ќе испратат допис преку кој, покрај исплатата на платата бараат и исплата на надомест за квалитет.
Одлуката за бојкот машиновозачите и помошниците ја донеле на денешниот собор. За денеска попладне во возниот ред беа предвидени возови на релација Скопје-Гевгелија и Скопје-Велес, како и неколку товарни возови.