Кај складот на „Макпетрол“ има возило и доволен број луѓе. Сега тој е безбеден и нема опасност да биде зафатен од огнот. Самата компанија „Макпетрол“ има и свои луѓе таму, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов
Складот на „Макпетрол“ во Кочани веќе не е во опасност од пожарот што попладнето ја зафати периферијата на градот и зафати неколку куќи.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, за „360 степени“ изјави дека складот е обезбеден, а информацијата ни ја потврди и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
„Кај складот на ‘Макпетрол’ има возило и доволен број луѓе. Сега тој е безбеден и нема опасност да биде зафатен од огнот. Самата компанија ‘Макпетрол’ има и свои луѓе таму“,
вели Ангелов.
Складот се наоѓа на влезот на Кочани во индустрискиот дел.
Инаку, Центарот за управување со кризи претходно информираше дека пожар во близина на кочанското село Бели, кој неколкупати бил гаснат, е надвор од контрола и се заканува да го зафати складот на „Макпетрол“ кој се наоѓа во близина.
Огнот веќе не е опасност и за градот Кочани, но се шири во друг дел, вели градоначалникот Николчо Илијев за „360 степени“. Според него, ветрот го сменил правецот, па сега пожарот се префрлил кај селото Тркање.