Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, вршел притисок врз првите лица во Министерството за правда да го поништат неговиот изборен пораз, покажуваат документите објавени од истрагата на Конгресот.
Рачно напишани белешки на тогашниот заменик јавен обвинител, Ричард Донохју, објавени од Комитетот за надзор и реформи во Претставничкиот дом, откриваат очајни обиди на Трамп да го принуди правосудството да направи чекор без преседан и да интервенира во врска со резултатите од претседателските избори минатата година.
Откриени се и детали од телефонскиот разговор меѓу Трамп и тогашниот вршител на должност државен обвинител Џефри Роузен на 27 декември во кој Роузен му вели на Трамп: „Разберете дека Министерството за правда не може и нема да го промени исходот на изборите како со волшебно стапче.”
Во САД државниот обвинител истовремено ја извршува и функцијата министер за правда.
„Не очекувам дека ќе го направите тоа. Само кажете дека изборите се корумпирани, а останатото оставете го на мене и на републиканските конгресмени”, одговорил Трамп.
Весникот Вашингтон пост пишува дека белешките се предадени од Донохју, кој го слушнал разговорот меѓу Трамп и Роузен. Ова е уште еден доказ дека при крајот на 2020 година експретседателот се обидувал да влијае на резултатот од изборите и да ја оспори победата на противкандидатот Џо Бајден, коментира весникот.
Демократите веднаш реагираа на овој најнов доказ за дејствата на Трамп да успее во напорите за поништување на изборите.
„Ова покажува дека претседателот Трамп директно давал инструкции на првите луѓе од нашето Министерство за правда во последните денови од неговото претседателство да преземат чекори да се поништат едни слободни и фер избори“,
изјави Каролин Малоуни, претседателка на Комитетот за надзор и реформа на Претставничкиот дом.
Републиканците сè уште не го коментирале објавувањето на забелешките.