Шефот на државата смета дека на тој начини се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, нема да го потпише Изборниот законик ако биде изгласан предлогот на текстот кој во моментов е во собраниска процедура. Според него, најспорен е членот кој предвидува да мора да се соберат 2% од потписите на гласачите во една општина за кандидирање на независна листа.
На тој начин, вели Пендаровски, се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.
„Нема логика бидејќи за кандидирање на претседател на државата се потребни 10 000 потписи, а толку да треба и за кандидирање советници во Град Скопје”,
рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг со новинарите.
Пендаровски објасни дека има препорака на ОБСЕ за воведување на праг за кандидирање на независни листи, но и дека препораката е тој праг да биде „до 1%“.
Дополнителна причина, пак, што тој не би го потпишал Изборниот законик е што се носи непосредно пред распишување на избори, што повторно е спротивно на препораките на ОБСЕ. Сепак, вели Пендаровски, би ставил потпис ако се согласат сите политички и општествени чинители.
„Ќе го потпишам, ако сите се согласат. Препораката на ОБСЕ да не се носи пред избори е за да не се злоупотребува законот, но ако сите се согласни, јас не би имал аргумент да не ставам потпис бидејќи има општа согасност“,
кажа Пендаровски.