Во огнената стихија досега изгореа над 150 хектари зимзелена и друг вид шума. Oгнот беше ставен под контрола пред да се прошири во урбаниот дел на Кочани
Пожарот којшто попладнево се закануваше да ги зафати населбите во североисточниот дел на Кочани е ставен под привремена контрола.
Со помош и на двата хелокоптера на АРМ огнот е локализиран, но се уште не е целосно изгаснат.
„Состојбата ќе ја следиме во текот на ноќта, поради што ќе има неколку мобилни екипи на терен, кои ќе алармираат доколку има потреба да се интервенира. Со активностите за гаснење на пожарот ќе продолжиме рано изутрина и доколку има потреба повторно ќе побараме помош од Дирекцијата за заштита и спасување и од Центарот за управување со кризи. Приоритет во заштитата од огнената стихија имаат граѓаните и нивниот имот, но сакаме да спречиме пожарот повторно да се прошири и во шумскиот појас“,
истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Во акцијата за гаснење на огнената стихија учествува пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани, како и нивните колеги од Штип, Виница и Македонска Каменица, припадници на Полицијата и Армијата, како и вработени во комуналните претпријатија „Водовод” и „Национални шуми”, јавни институции и месно население.
Во пожарот што избувна пред еден ден, досега изгореа над 150 хектари зимзелена и друг вид шума, а со ангажираност на сите кои учествуваат во гаснењето на пожарот спречено е негово проширување во урбаниот дел на Кочани.