„Освои сребро, но за нас Дејан е златен“, порача Директорот на Агенцијата за млади и спорт
Централната прослава за освоениот медал на Олимпијадата ќе се одржи вечер во 19:30 часот на Плоштад Македонија
Откако македонскиот олимпиец, Дејан Георгиевски, се врати со сребрен медал од Олимпијадата во Токио, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски изјави дека ќе се заложи за боречките спортови да добијат свој дом и значително да се подобрат условите за работа на македонските спортисти.
„Георгиевски сите нас не направи горди. Тој во еден ден, за само неколку часа совлада неколку фаворити. Чест ми е што Македонија во Токио имаше спортска делегација високо мотивирана, која даде се од себе. Сакам да му честитам и да му посакам уште многу успеси. Освои сребро, но за нас Дејан е златен. АМС со иста мотивација ќе го поддржува и понатаму. Од наша страна дефинитивно ќе заземеме друг став за боречките спортови. Наша заложба ќе биде во иднина сите боречки спортови да си добијат свој дом и подобри услови од аспект на опрема, сали и слично. Се надевам дека нивните проблеми и пехови заеднички ќе ги решиме“,
истакна Мојсовски.

„Благодарност до АМС и до цел народ во Македонија. Додека беше натпреварот не користев многу социјални мрежи. Мојот тим ми кажуваше што се случува тука, за еуфоријата. Се надевам дека во Париз 2024 ќе имаме повеќе претставници и повеќе успех. Им посакувам на останатите македонски претставници во Токио многу успех“,
рече олимпиецот Георгиевски, на прес-конференцијата во АМС.
Повеќе успех и повеќе медали во таеквондо од следните Олимписки игри најави еден од неговите тренери Дарко Костовски.
„Русонот што го победи Дејан е Роналдо во таекводно. А Деки е рамо до рамо со него. Сега сакам кажам дека од Париз ќе донесеме злато, а можеби и повеќе медали од таеквондо турнирот на следните Олимписки игри. Имаме сериозна генерација која може да не однесе до височините“,
истакна Костовски.
Неговиот брат, Борче Костовски зборуваше за психолошкиот притисок којшто го чувствувале во тимот на Георгиевски.
„Притисокот беше силен, мотивот уште посилен. Направивме историја. Тоа што го направивме во Токио ќе биде испишано со златни букви во историјата на македонскиот спорт. Фала му на Господ што го имаме Дејан во нашите редови“,
порача тој.
Централната прослава за освоениот сребрен медал на Олимпијадата во Токио ќе се одржи вечер во 19:30 часот на Плоштад Македонија.