Иако не стигна до златото, сребрениот медал за Георгиевски е голем успех. Тој го освојува и првиот медал на Олимписки игри за Македонија по пауза од 21 година
Одлично е чувството да се израдува македонската јавност, порача мкедонскиот олимпиец, борецот во таекводно, Дејан Георгиевски по освојувањето на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио.
„Во моментов сум навистина под големи импресии и не можам да кажам ништо повеќе“,
рече Георгиевски во изјава за Сител.
На прашањето кој бил неговиот најголем предизвик, Георгиевски ја посочи првата борба против актуелниот светски првак, Кубанецот Алба Кастиљо.
„Најголем предизвик беше првата борба, бидејќи тука го скршив мразот. Но, како што најавував и претходно, тука се дојдени најдобрите и мојата цел беше да ги победам сите“,
изјави Георгиевски.
Георгиевски го освои сребрениот медал во таекводно (категорија над 80 килограми) откако во финалето загуби од русинот Владислав Ларин.
Иако не стигна до златото, сребрениот медал за Георгиевски е голем успех. Тој го освојува и првиот медал на Олимписки игри за Македонија по пауза од 21 година.
Македонскиот олимписки комитет (МОК) му честиташе на Георгиевски за како што велат, најголемиот олимписки и спортски успех од независноста на македонската држава.
„Дејан Георгиевски, новиот македонски херој е освојувач на сребрен олимписки медал од Олимписките игри Токио 2020. Честитки и за тренерот на Дејан, Борче Костовски, кој извонредно ја постави тактиката на Дејан за да стигне до финалето на Олимписките игри. Македонскиот народ мора да се гордее со Дејан, кој веруваме дека ќе има пречек каков што заслужува олимпискиот шампион“,
порачаа од МОК.