Кандидатот за демократски соперник на американскиот претседател Доналд Трамп, Пит Бутиџиџ, поведе на првото гласање во Ајова, според резултатите од 62 избирачки места, соопшти Демократската партија.

Бутиџиџ е градоначалник на Саут Бенд во Индијана, а доколку стане претседателски кандидат и го победи Доналд Трамп ќе испише историја со тоа што ќе биде најмладиот претседател во историјата на САД и првиот кој јавно се декларирал како хомосексуалец.
Сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен се на второто место, додека поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, е на третото место.
Бутиџиџ освои 26,8 проценти од гласовите на делегатите, Сандерс 25,2, Ворен 18,4 и Бајден 15,4 отсто.
Демократите од Ајова, сепак, сè уште не го прогласија победник на изборите што се одржаа вчера. Резултатите беа објавени еден ден подоцна поради технички проблеми, а Демократската партија соопшти дека мора да направи дополнителни „квалитетни проверки“ и да ги исправи сите недоследности во пренесувањето на податоците од местата на кои беа одржани изборите.
Според американски медиуми, не работела апликацијата во која требало да се внесат податоците, но и дека не била хакирана.
Кокуси – собири на граѓани на кои отворено се изразува поддршка на некој од демократските кандидати – се одржаа на 1.600 локации во Ајова.
Бројот на делегати на Ајова што ќе гласаат за претседателски кандидат на последната конвенција на Демократската партија е 41, така што гласовите добиени од кандидатите од Ајова ќе бидат претворени во број на делегати.