Антикорупциската комисија смета дека градоначалникот на Струга Рамиз Мерко треба кривично да одговара за финансиски малверзации потврдени во нивната истрага но и од државната ревизија. Да се гони кривично, според нив треба и претседателот на Кривичниот суд во Струга кој лично дозволил буџетот на Општината да изнесува 50 милиони денари иако таа беше една од најзадолжените.

На денешната седница Државната комисија за спречување на корупцијата реши да ја запре постапката за акумулација на функции против Нефи Усеини, бидејќи во меѓувреме тој се повлече од советничката позиција во Општина Охрид.
Антикорупционерите не најдоа ништо спорно ниту за предметот „Шпанско Село“, односно за плацовите кои ги купиле мајката на сопругата на министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот за здравство Илир Хасани и бизнисмен кој со години соработува со министерството и е добитник на голем број на тендери.
Оттаму велат дека плацовите се купени во време кога тие не биле функционери, пријавени се како имот а бизнисменот десетина години назад ги добивал тендерите во здравствео бидејќи имал најквалитетни понуди.
Антикорупционерите заклучија дека во овој случај ги исцрпиле сите мерки и средства кои им се на располагање а доколку и понатаму постои сомнеж, сметаат дека предметот може да го истражат други институции.