Актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов смета дека е обврска на политичките партии да го договорат терминот за одржување на локалните избори. Според него, граѓаните во секој случај за три месеци ќе бидат исправени пред предизвикот да решаваат кои ќе ги води средините во кои живеат. Со оглед на разногласијата кои се појавија околу датумот кога ќе се гласа, поради можноста термините да се преклопат со веќе закажаниот попис, Шилегов вели дека за него тоа е неважно, бидејќи кој датум и да биде одреден, тој е уверен дека ќе остана на функцијата.
„Јас знам дека на скопјани им е сеедно дали изборите ќе бидат на 31 октомври или порано затоа што знам дека ќе изберат континуитет во дејствувањето и во функционирањето на градот. Ние сме подготвени, имаме и со што да излеземе пред скопјани, имаме и што да понудиме како продолжение, како континуитет на ова успешна скопска приказна“,
рече Шилегов, придружуван од градоначалникот на Ѓорче Петров со кого заедно го означија стартот на реконструкцијата на улицата Лука Геров.
Шилегов смета дека причина за разногласието кое се појавува околу датум за одржување на локалните избори е фактот дека опозицијата е свесна за сопствениот неуспех и бара алиби за да ги оспорува резултатите.
„Мислам дека повеќе станува збор за изговори со обид да се проблематизираат локалните избори имајќи предвид дека и на ВМРО-ДПМНЕ име е јасно дека особено во Скопје нема што да бара на изборите“,
рече Шилегов.
Во јавноста веќе се спомнуваат три можни датуми за одржување на локалните избори, 17, 24 и 31 октомври. Претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека ќе бара согласност од останатите партии локалните избори да се одржат на 31 октомври, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на почитување на Уставот и изборите да се одржат во средината на октомври а наместо нив, пописот да се одложи за ноември. Со ист став е и опозициската Алијансата за Албанците.
Според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, може да се избегне преклопување на термините за одржување на локалните избори и на закажаниот попис ако како датум на кој би се бирале градоначалници и советници во општините и во Град Скопје биде определен 24 октомври.