Министерството за внатрешни работи најави дека утре попладне ќе има посебен сообраќаен режим во сообраќајот во центарот на Скопје поради протестен марш во oрганизација на здруженијата на граѓани – коалиција „Менуваме“.
„Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно од 14.30 часот до завршување на настанот затворена за сообраќај ќе биде ул.„11 Октомври“, а за време на движењето мерки за посебен режим на сообраќајот ќе се преземат и на бул.„Илинден“, десно по бул.„ВМРО“ и лево по ул.„Димитрие Чуповски“, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници“,
соопшти МВР.
Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Коалицијата за унапредување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните семејства „Менуваме“, најави протестен марш од Влада до Собрание за да потсети на дискриминацијата кон овие луѓе, како и да побара достоинствен живот, социјална правда, рамноправност и еднакви права.
Освен во Скопје, протести се најавени и во Битола, Прилеп и Охрид.