Срамното зголемување на пензиите за 1,2%, односно за 120 денари за време на падемија е омаловажување за сите нас, вели Драги Аргировски од Здружението на пензионери во изјава за ТВ „Алфа“.
Тој вели дека трошоците на живот се зголемени повеќе од 30 отсто и дека потребно е линеарно зголемување од најмалку 1 000 денари.
„Пензионерите сега треба да добиваат од 90 до 118 денари, со пензиите за јули. Што е тоа? Не може чоколадо да им купиме на внуците, а камо ли да се купи нешто друго со тие средства, па за да се користат. Треба најмалку за 1 000 денари да се зголемат пензиите сега, и тоа линерано, и треба да се води сметка, пензиите да се во сразмер со минималната плата, односно со просечната плата, а не вака“,
вели Аргировски за „Алфа“
Аргировски вели дека уште пред неколку години апелирал дека растот на пензиите требало да се движи согласно зголемувањето на минималната и просечната плата.
„Ваквиот начин на усогласување на пензиите, според мене, е неисправен и ги погодува сите пензионери. Затоа уште тогаш, пред три години, јавно советувавме да не се менува стариот Закон за пензии, кога усогласувањето беше 50% со животните трошоци и 50% со просекот на зголемување на платите, но бадијала беше се, не сакаше министерството за труд и социјала да ги чује нашите апели“,
додава Аргировски.
Пред два дена, Министерството за труд и социјална политика информираше дека пензионерите со јулската пензија ќе добиваат поголема пензија по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот, кој во првото полугодие од 2021 година, во однос на второто полугодие од 2020 година изнесува 1,2 отсто.
Зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија.
„Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата. Почнувајќи од 2019 година покрај редовното усогласување се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто“,
посочија од Министерството.
Покрај овие два начини на усогласување, од 2020 година врз основа на одлука од страна на Владата може да се изврши уште едно дополнително усогласување, во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 отсто, додаваат од МТСП.
Директорката на ПИОМ, Билјана Јовановска, вчера во интервју за Радио Слободна Европа посочи дека пензискиот фонд е во стабилна состојба и дека пензиите, како и досега, ќе си продолжат со тековна, редовна, навремена исплата.
„Пензионерите може да бидат сосема спокојни, Пензискиот фонд е во стабилна состојба, пензиите како и досега ќе си продолжат со тековна, редовна, навремена исплата. Имајќи предвид дека во корона-кризата Владата донесе одлука пензиите се уште ги исплаќаме и предвреме, односно еве и сега на крајот на месецот ќе бидат исплатени јулските пензии. Во делот на планираните приходи и расходи се сè одвива онака како што беше предвидено, како што беше планирано“,
рече Јовановска.