Градоначалникот на Скопје ја поздравува иницијативата на неколку еко-активисти сами да „трчаат“ на претстојните локални избори на кои и тој ќе бара втор мандат
Според Петре Шилегов во секоја демократска држава правото на секој граѓанин е да избира и да биде избран.
„Ја поздравувам секоја иницијатива што може да придонесе за развој на демократијата и која може да развие алтернативни политики кои потоа заедно би ги имплементирале во пракса. Ќе ги видиме резултатите од изборите и која листа како ќе освои, каква ќе биде структурата на Советот и тогаш од позиција на градоначалник ќе ја реализирам соработката со членовите на Советот на Град Скопје“,
изјави скопскиот градоначалник за идејата за независна советничка листа на еко-активисти.
На прашање зошто Скопје не влезе во потесниот круг во трката за „Зелен град“ во Европа, Шилегов одговори дека е задоволен што досега двапати влегол во втората фаза на изборот – меѓу 8 од 30 градови што конкурираат. Посочи дека има 9 критериуми по кои се врши проценката и дека треба да се подобри особено енергетската политика.

„Драго ми е што Скопје вторпат преминува во втората фаза и од 30 градови на почетокот, ние влегуваме меѓу првите 8. Тоа е добар напредок за нашиот град. Тука се врши проценка на стратегиите што градот ги спроведува – од инфраструктура до енергетска политика во чија имплементација сме на почеток. Драго ми е што во рок од три години успеваме Скопје да го симнеме од најзагадените градови во светот подолу од 400-то место. Веќе немаме екстремно загадени денови, во сезоната што помина немавме ниту еден ден во кој требаше да има вонредни мерки“,
изјави Шилегов.
