Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска соопшти дека предложната Резолуција од ВМРО-ДПМНЕ е примена во Парламентот и дека најверојатно материјалите за неа ќе бидат испратени до пратениците и таа би можела да се најде на дневен ред на наредната седница.
„Резолуцијата е примена во Собранието и е во изготвување да се распредели до сите пратеници. Согласно Деловникот, за актите за коишто не се распределени до пратениците не може да се отпочне собраниска постапка. Се надевам дека до наредната седница ќе биде спремен целиот материјал. Не е започната законската постапка за соодветниот документ“,
рече Џафери, одговарајќи на процедуралната забелешка на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој побара Резолуцијата да биде ставена на дневен ред.
Мицевски рече дека во јавноста имало голем интерес за овој документ.
„Оваа резолуција предизвика голема заинтересираност на македонска јавноста и можност да продискутираме во македонското Собрание во контекст на блокадите на европските интеграции. Оваа Резолуција е добар документ затоа што би имала обврзувачко дејство согласно волјата на пратениците“,
рече тој.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе Резолуција за исцртување на државните црвени линии во спорот со Бугарија. Премиерот Заев кажа дека ја поддржува Резолуцијата, но ако се крши Уставот со неупотреба на ново име на државата – Република Северна Македонија, тогаш тој рече „нема да партиципираме“.