Државниот завод за статистика денеска соопшти дека на 20 јули ќе биде објавен Конкурсот за попишувачи и инструктори за претстојниот попис кој треба да се спроведе од 5 до 30 септември. Поточно, се бараат 5 055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори. Конкурсот се објавува сега, за како што велат од Државниот завод за статистика, да се остави доволно време за нивна обука.
„Условите се: кандидатите да се полнолетни државјани на Република Северна Македонија, да не се вработени, да имаат завршено најмалку средно образование и да поседуваат компјутерски вештини. Пријавувањето ќе се врши преку веб-апликацијата која ќе биде поставена нa веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk, a документите ќе се доставуваат по пошта до Државниот завод за статистика, или кандидатите ќе можат да ги донесат на денот на закажаното тестирање во комисиите на пописните реони“,
соопштија од Државниот завод за статистика.
Државниот Завод за статистика годинава веќе спроведе еден избор на попишувачи и инструктори, кон крајот на март, за пописот кој требаше да се одржи од 1-21 април. Но бидејќи тој попис се одложи, од Државниот завод за статистика сметаат дека е потребен и нов избор на попишувачи и инструктори.

„Ќе бидат поминати цели пет месеци од изборот на попишувачи и инструктори во март, кога ќе почне пописот во септември. Не знаеме ниту дали може да сметаме на тие луѓе, ниту пак дали тие можат да работат на пописот во септември. Затоа, сметавме дека е најдобро да се распише нов Конкурс. Тие што еднаш биле пријавени можат пак да се пријават, па дури и ќе имаат одредена предност штом еднаш биле избрани“,
вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Од ДЗС, ги повикуваат сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да се пријават на Конкурсот и да дадат свој придонес во успешното спроведување на најголемата статистичка акција во земјата.