Во овој момент не постојат посериозни индиции дека може да дојде до зголемување на мигрантскиот бран, меѓутоа државата е подготвена да одговори на сите предизвици, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали сме подготвени за евентуален нов мигрантски бран.
Тој наведе дека во моментот нема зголемување на илегални обиди во споредба со претходните години, меѓутоа, како што наведе – не значи дека тоа и нема да се случи.
„Ние како држава сме подготвени и имаме два транзитни центри на територијата на Република Северна Македонија. Не остануваат и нема да остануваат мигранти, туку само транзитираа во моменти кога беше функционална Западно -балканската рута“,
е владиниот став што го повтори Спасовски, кој денеска заедно со претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска го посети граничниот премин Табановце во рамки на кампањата ,,Вози одморен“.
Според него, денес за Северна Македонија се зборува како држава што не е атрактивна за поминување на мигрантите низ оваа рута, заради тоа што постојат сериозни контроли.
„На стратешко ниво МВР е поставено со посебна оперативна обработка што е исклучиво во функција на намалување на илегалната миграција и трговија со луѓе и за тоа постојат показатели и податоци за разбиени организирани криминални групи. Во тој дел државата е добро поставена за да немаме каков било проблем од евентуално зголемување на мигрантскиот бран“,
изјави министерот Спасовски.