Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вечерва ги објави имињата на 30 кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ. Од нив, само две имиња се нови а останатите се актуелни први луѓе на општините за кои ќе бидат кандидирани
На новинарско прашање, каде е родовата еднаквост кога од 30 кандидати само 3 се жени, Зоран Заев објасни дека одлуките се донесени врз основа на мислењето на граѓаните во анкетите што ги правела партијата
Од 30 кандидати за градоначалници на претстојните локални избори кои вечерва ги објави СДСМ, речиси сите се и актуелни шефови на општините за кои повторно ќе се кандидираат. Меѓу позначајните имиња кои ќе трчаат за нов мандат, а зад кои застана владејачката партија, се:
- За Скопје – Петре Шилегов:
- За Охрид – Константин Георгиевски;
- За Кисела Вода – Филип Темелковски;
- За Бутел – Велимир Смилевски;
- За Арачиново – Милиќие Халими.
Со оглед на фактот што значаен дел од старо-новите кандидати оставија и негативни впечатоци во изминатите години, новинарите сакаа да дознаат од претседателот на СДСМ – кој бил клучниот фактор за партијата да настапи токму со тие имиња.
Првото прашање до Заев беше – сметате ли дека граѓаните се најзадоволни од актуелните градоначалници?

„Имаме општини кои денеска ги објавивме со кандидати на СДСМ каде што не е актуелниот градоначалник туку е нова личност. Да, повеќето се актуелите градоначалници. Тоа за нас е сериозна потврда дека успешно сработиле. Анкетите помеѓу граѓаните се доминанти кои што ги правевме. Направивме чест и на нашето членство. 82 000 членови имаме. Граѓани, гласачи имаме 1 813 000. Така што, со право важни се анкетите кај граѓаните. Затоа, доминанти во нашите одлуки се анкетите кај граѓаните. Лично, верувам во сите тие 30 општински организации на СДСМ каде што номиниравме кандидати. Тоа што го покажаа анкетите, дека водиме во своите редови, но водиме и пред противникот ВМРО-ДПМНЕ и како партија и самите кандидати. Анкетите прават споредба и на фаворитите на нашиот политички противник, коишто ги споредуваме во делот на анкетирањето, односно изјаснувањето на граѓаните на анкетите. Овие анкети што досега ги објавивме, 75% се теренски анкети, 25% се телефонски анкети“,
изјави Зоран Заев.
Следното прашање до Зоран Заев беше – колку вие лично биравте кандидати?
„Лично дали јас бирав кандидати или не, јас дадов свои ставови, денеска Извршниот одбор на СДСМ ги носеше одлуките. Секако, како прв меѓу еднаквите, имав свое влијание и секако тоа сум го соопштувал многу транспарентно со своите ставови, секогаш. Ама денеска конечно, во нашиот правилник, согласно нашиот Статут на партијата, одлуките ги носи Извршниот одбор, коишто се во форма на препорака до Општинските организации. Конечни во одлуките за кандитатите од редовите на СДСМ се Општинските конференции. Тоа се нашите делегати од месните одбори, месните организации коишто конечно ги носат одлуките.
изјави Зоран Заев.
На ваквите ставови на Заев, се надоврзаа прашања директно за некои од актуелните градоначалници, како на пример за Кисела Вода, за Лозово, за Арачиново, односно градоначалници кои предизвикаа скандали или против нив имаше и граѓанско незадоволство. Претседателот на СДСМ, застана во одбрана сите споменати.

„Во општина Арачиново, во овие четири години, е направено повеќе отколку сите 26 години наназад што е направено за општината и за граѓаните. Значи сите проекти, вредносно во пари и како број на проекти, се повеќе на број или повеќе во сума отколку сите 26 години од самостојноста на државата досега. Во општина Охрид, тоа што е направено досега, е повеќе од два или два и пол мандати на претходни градоначалници, вклучително и од СДСМ и од ВМРО. Во општина Кисела Вода, исто така е направено многу. Можеби не е доволно, но го издвојувам затоа што е општина која има помали ресурси на прибирање на приходи.
одговори Зоран Заев.
Освен што недостасуваа нови имиња, очигледно беше отсуството и на жени кандидати. Од 30 предложени, само 3 се жени. Па, едно од прашањата што ги доби првиот човек на СДСМ беше – каде е родовата еднаквост? Заев објасни дека немале таква законска обврска а конечните одлуки се донесени според анкетите, односно дека така избрале граѓаните.
„Родовата застапеност, согласно нашиот Статут, согласно законот, е во советничките места. Овде се бира само еден кандидат. И кога имате еден кандидат не можете тоа да го поделите на ниво на Северна Македонија 50-50, а притоа пак да ги слушате и граѓаните. Кога одите доминантно на истражувања и на анкети и најпресуден е фактот што тоа граѓаните мислат, тогаш ги определувате личностите. Во советничките листа имаме целосна застапеност на жени и мажи подеднакво, иако законот е 40% најмалку. Ние веќе на парламентарните избори настапивме 50-50, така ќе настапиме и на локалните избори за советничките листи.
изјави Зоран Заев.