„Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце, само на чување. И затоа мораме да ја зачуваме, не заради УНЕСКО туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест“, порача министерката на отворањето на престижната манифестација

Порака за зачувување на Охридскиот регион испрати вечерва на отварањето на 61. издание на „Охридско лето“ министерката за култура, Ирена Стефоска. Мораме да го сочуваме регионот, рече таа, не заради УНЕСКО туку затоа што тоа е аманет кој истовремено е и обврска и чест.

„Ниту Охрид без ’Охридско лето‘, ниту ’Охридско лето‘ без Охрид. Магијата е заемна, како што е магичен и целиот регион. Затоа замолувам и повикувам: Доаѓајте со респект во Охрид – Охрид не е забавен парк. Посетете ја питомата Струга – Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца – Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и наполнете го погледот со убавина – Галичица не е само уште една планина. Охридското езеро е редок дар, а не базен. Охридското-струшкото крајбрежје е мир, а не бетонски рај. Регионот е волштепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце, само на чување. И затоа мораме да ја зачуваме, не заради УНЕСКО туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест. Во таа задача ние како Влада можеби навидум одиме бавно. Факт е. Но, не сопираме. И тоа е факт. Како што не сопира ниту нашето ’Охридско лето‘ затоа што летата во Охрид почнуваат и завршуваат со ’Охридско лето‘. Сè пред тоа и се потоа е само лето“,
порача министерката Стефоска.

На отворањето на „Охридско лето“ во Античкиот театар во Охрид се обрати и претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на манифестацијата.
Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста, рече тој, го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето“ со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња.

„Парадоксот на убавината која е олицетворена во уметноста и културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето. Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, не поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нè охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите ширејќи го просторот за свет со почовечки лик“,
рече Пендаровски во обраќањето.
Годинешното “Охридско лето“ вечерва беше отворена со музичко-сценскиот спектакл „Големиот Чајковски“, сочинет од најубавите дела на рускиот композитор, а во изведба на уметниците од Националната опера и балет.
Од вечерва се до 20 август на сцените на „Охридско лето“ ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 земји.
