Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска ги потврди најавите дека во Србија до крајот на годината ќе се произведува кинеската вакцина „Синофарм“ против ковид-19. Таа потпиша меморандум за разбирање и соработката со партнерите од Кина и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за производство на вакцината.
„Ова е важен ден за Србија, но и за целиот регион затоа што ќе ја имаме вакцина овде, близу, ќе ни биде подостапна и ќе бидеме поподготвени да се бориме против пандемијата со коронавирусот која борба продолжува и кај нас и во Европа и светот“,
порача Брнабиќ, пренесува Н1 ТВ.
Потпишувањето на меморандумот следува откако соработката за изградба на фабриката за производство на вакцината, во март годинава ја договори српскиот претседател Александар Вучиќ.
Брнабиќ во изјавата посочи и дел од амбициозниот план. Целта е, како што рекла, до крајот на годината да биде завршена изградбата на фабриката, а паралелно да се работи и на набавката на потребните материјали и машини за неа, за до крајот на 2021 оттаму да излезат 10 милиони дози од вакцината.