Откако денеска започна вакцинацијата во здравствените домови без закажан термин и теренската вакцинација во руралните средини, министерот за здравство, Венко Филипче, сподели очекувања дека до крајот на летото можеме да се надеваме на колективен имунитет.
Оптимизмот тој го темели на големиот интерес на граѓаните за добивање вакцина против ковид-19.
„Навистина охрабрува големиот одзив кај граѓаните за теренската вакцинација. Секоја чест и за сите колеги здравствени работници кои се вклучени во оваа операција. Граѓаните масовно да се вакцинираат, имаме одличен напредок во бројките на вакцинирани. Само со ова темпо можеме до крајот на летото да се надеваме на колективен имунитет“,
порача Филипче преку социјалните мрежи.
Претходно, тој во изјавите за медиумите посочи дека токму вакцините се одговорот за да се заштитиме од сите соеви на коронавирусот и да не живееме во рестрикции.
„Веројатно ќе има и нови соеви на вирусот, ќе има и нови мутации, но со рестрикции не може да живееме. Секаде во регионот, ширум Европа, буквално има од сите мутации на вирусот. Затоа го имаме овој пристап, сега го користиме овој инструмент – вакцините, кои лани го немавме, така ќе се заштитиме од сите соеви“,
изјави Филипче претходно во текот на денот.
*Поврзани вести:
- Теренската вакцинација продолжува и утре: Кои места ќе ги посетат мобилните тимови
- (ФОТО) Почна теренската вакцинација
- (ФОТО) Ако не престанат турканиците, Армијата ќе воведува ред пред вакциналните пунктови
- Д-р Исјановски: Да не се прават метежи за вакцинирање без термин, процесот нема да трае само еден ден