Град Скопје ја оценува како паушална реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за воведувањето на БРТ-системот на брз автобуски превоз во Скопје. Од таму велат дека овој проект е исклучително важен и голем историски чекор напред во урбаниот развој на главниот град.
„Изразуваме жалење што опозицијата континуирано одбива да биде дел од иднината на нашиот град. Наместо паушалните соопштенија, тие имаа можност да дојдат и да учествуваат во денешната експертска дебата. За жал, наместо да учествуваат во една конструктивна дебата за идниот урбан развој на Скопје, тие одлучија да пласираат паушални соопштенија. ВМРО-ДПМНЕ 30 години говореше за воведување на трамвај во Скопје, но тоа никогаш не се случи. За разлика од ваквите лажни ветувања, Град Скопје годинава го започна воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз и тој после 40 години за граѓаните ќе стане реалност“
пишува во реакцијата.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Шилегов прави скап и неефикасен БРТ-транспорт за кој сметаат дека ќе создаде сообраќаен хаос.
Инаку, на денешната презентација се разговараше за потребите од т.н. трамвај на тркала, трасите по кои ќе се движат возилата на системот „Бас рапид транзит“, организацијата на станиците, наплатата на билетите. Според најавите на градоначалникот Шилегов, тој треба да биде целосно готов до 2025 година.