Владата на денешната редовна седница донесе одлуки за распределување на 35,3 милиони денари од шестиот пакет мерки помош за надминување на ковид-кризата. Со нив финансиска помош ќе добијат лиценцирани туристички водичи, приватни детски одморалишта и игротеки, фитнес-центри, фото-студија и евент индустријата.
Во соопштението од владината прес-служба информираат дека на 86-та седница Владата го разгледа извештајот за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на лиценцирани туристички водичи и донесе одлука да се одобрат 2 460 000 денари за 80 лиценцирани туристички водичи кои ги исполниле условите и критериумите утврдени во јавниот повик.
Со оваа одлука на туристичките водичи ќе им биде исплатена еднократна финансиска поддршка во висина од 30 750 денари.
Како дел од шестиот пакет анти-ковид мерки, врз основа на информацијата за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на компании – оператори од индустријата за организација на настани, Владата донесе одлука на 33 економски оператори од оваа дејност што ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, од вкупно 45 апликации, да им бидат распределени вкупно 15 443 661 денари.
Денеска е донесена и одлука за финансиска поддршка на регистрирани фотографски студија и фитнес центри со која на 184 правни лица од овие дејности кои аплицираа на јавниот повик им се распределуваат вкупно 11 924 820 денари.
Владата денеска ја разгледа и информацијата за резултатите од спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта, и донесе одлука за исплата на вкупна финансиска поддршка од 5 442 232 денари, за вкупно 73 правни лица кои ги исполнуваат сите услови од јавниот повик за правните лица од овие дејности.