На минатонеделниот самит „Европски парламент – Западен Балкан“ не можеше да се слушне само македонски јазик, додека сите други претседатели на парламенти од регионот зборуваа на службените јазици на државите што ги претставуваат
Сопартијците на спикерот велат дека тој можел да зборува и на англиски во ЕП и никој да не му забележи дека го крши Уставот; Против интерпелацијата е и опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива, а веројатно и СДСМ, од каде што чекаат Џафери сам да се произнесе зошто постапил спротивно на членот 7 од Уставот
Ако зборуваше Џафери на англиски, дали би го прекршил Уставот? Тогаш никој немаше ништо да каже. Но сега некому му пречи затоа што зборувал албански. И не дека навистина му пречи, туку го користи тоа за дневно-политички цели. Вака Арбер Адеми, координаторот на пратеничката група на ДУИ, го оправда денеска својот сопартиец, претседателот на парламентот Талат Џафери, кој „заработи“ интерпелација од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица затоа што се обрати на албански јазик пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, во рамки на самитот „Европски парламент – Западен Балкан” во Брисел.
Против интерпелацијата за Џафери е и опозициската коалиција од албанскиот блок Алијанса/Алтернатива. Пратеникот Халил Снопче вели дека употребата на албанскиот јазик не претставува основа за интерпелација против претседателот на Собранието.
„Како опозиција имаме низа причини да сакаме тој да биде разрешен од функцијата. Но во конкретниот случај барањето е неосновано. Употребата на јазикот е биолошка, ние имаме забелешки, не сме задоволни, но поради потполно други причини и во никој случај нема да ја прифатиме интерпелацијата поради причините кои се наведени во таа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Инаку и дипломатскиот кор во оваа држава е многу внимателен, секогаш обезбедува преведување, освен на македонски, и на албански јазик. По оваа логика ние треба да правиме протести кон дипломатскиот кор“,
рече Снопче.
Од СДСМ засега не излегуваат со конкретен став во врска со тоа дали би ја поддржале или отфрлиле интерпелацијата, туку велат дека чекаат Џафери да се произнесе зошто зборувал на албански јазик, спротивно на Уставот, според кој службен јазик во меѓународната комуникација на државата е македонскиот. Сепак, се чини извесно и дека СДСМ нема да даде поддршка за интерпелацијата против Џафери, така што таа од старт, се чини, осудена на неуспех.
Џафери досега коментираше на оваа тема единствено во куса изјава за „360 степени“ минатиот вторник, кога го објавивме и видеото од седницата на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Во кус телефонски разговор од Брисел, Џафери тогаш ни објаснуваше дека зборувал на албански јазик единствено пред Комисијата за надворешни работи.
„Вие сте го гледале само состанокот на Комисијата. А што станува со пленарната сесија? Во Брисел сум, не ме малтретирај, имате амбасадор тука, па прашајте како сум зборувал“,
ни изјави Џафери.
На Самитот во Брисел, кој се одржува во организација на претседателот на ЕП, Дејвид Сасоли, учествуваат и претседатели на парламенти од Словенија, Португалија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија. Повеќето од нив се обратија пред Комисијата за надворешни работи на службените јазици на нивните држави, така што пред овој форум единствено не можеше да се слушне обраќање на македонски јазик.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица објавија вчера дека поднесуваат интерпелација Џафери. Освен говорот на албански јазик во ЕП, како причини за интерпелацијата се наведуваат и: Кршење на ковид-протоколите на седницата кога двајца пратеници од мнозинството, кои беа позитивни на ковид-19, дојдоа во скафандри за да гласаат за економските мерки, како и „свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот“.