Покрај обраќањето на албански јазик во ЕП во Брисел, од Левица посочуваат дека причина за интерпелацијата е и тоа што Џафери и на пратениците Македонци им доставува двојазични материјали за седница, како и тоа што дозволи пратеници што се во изолација да дојдат во скафандер и да гласаат
Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесуваат интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери. Информацијата денеска на прес-конференција ја потврдија двајцата пратеници на овие партии, Гордана Силјановска-Давкова и Димитар Апасиев.
Причината за интерпелацијата на Џафери е тоа што говореше на албански јазик пред Комитетот на министри на Европскиот парламент (ЕП) во Брисел, но и кршење на ковид-протоколите на седницата кога двајца пратеници од мнозинството, кои беа позитивни на ковид-19, дојдоа во скафандри за да гласаат за економските мерки.
Левица ја најави интерпелацијата во петокот, а тогаш од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат и кривична против Џафери поради кршење на Уставот.
Во соопштението што денеска го објави Левица, а во кое посочува дека добиле поддршка и од останатиот дел од македонската опозиција, се наведуваат три причини за интерпелација на собранискиот спикер:
(1) повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката;
(2) свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот, преку противуставно, противзаконито и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот; и
(3) повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на корона-криза, кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на ковид-19 да гласаат во скафандри во Собранието на РМ, загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници,
наведува Левица.
Од Левица велат дека поднеле и иницијатива за вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, кое е надлежно да врши контрола над правилната употреба на македонскиот јазик од јавни и приватни субјекти, наведуваат од Левица.
Силјановска-Давкова, пак, истакна дека има многу причини за интерпелација, но оти она што се случило во Европскиот парламент цврсто ги уверило дека сега треба да биде поднесена интерпелација за Џафери.
„Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре. Со ова не само што го повреди Уставот, туку го направи македонскиот народ како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, со што го изложи на подбив македонскиот народ, а всушност ова е кривично дело кое е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик“,
рече Силјановска Давкова.
Како што минатата недела објави „360 степени“, претседателот на македонскиот парламент се обрати на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи, во рамки на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“ во Брисел, иако според уставниот амандман 5 од 2001 година „на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“.
Тогаш, во кус телефонски разговор за „360 степени“, Џафери од Брисел објаснуваше дека зборувал на албански јазик единствено пред Комисијата за надворешни работи.
„Вие сте го гледале само состанокот на Комисијата. А што станува со пленарната сесија? Во Брисел сум, не ме малтретирај, имате амбасадор тука, па прашајте како сум зборувал“,
рече Џафери.
Отпаднаа кривичните за гласањето на пратеници во скафандер
Кога станува збор за третата причина на која посочува Левица – овозможувањето пратеници што беа во изолација да дојдат и да гласаат во Собранието, пред неколку се огласи и Јавното обвинителството откако претходно и оваа партија и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа кривични против Џафери и двајцата пратеници Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ (сега поранешен пратеник).
Обвинителството соопшти дека ги отфрлило пријавите затоа што не станува збор за кривични дела што се гонат по службена должност, но и затоа што се утврди дека биле испочитувани протоколите од Комисијата за заразни болести.