Како можна кандидатка за градоначалничка на Центар се спомнува и директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, која неодамна стана член на новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ
Горан Герасимовски, претседател на општинската организација на СДСМ во Центар, објави дека е можен кандидат за градоначалник на Центар на претстојните локални избори, за што во владејачката партија привршува внатрешната процедура за предлагање кандидати во базата и за самокандидирање.
Во соопштение до медиумите, Герасимовски информира дека поднел кандидатура за градоначалник на Центар, посочувајќи дел од неговите заложби што би ги реализирал доколку биде избран на функцијата.

„Мојата замисла за урбана општина значи повеќе зеленило, урбани катчиња, повеќе паркинг места, современи училишта и градинки, во кои ќе има слободни места за секое дете. Како жител на општина Центар, но и како претседател на СДСМ – Центар одблизу го следам развојот на општината и, водејќи се од моите сопствени потреби како граѓанин, сметам дека во општината недостигаат проекти што ќе ја зголемат нејзината функционалност, но и ќе донесат позитивни промени кои ќе го олеснат и подобрат животот на центарци. Тие промени беа и мотивот заедно со кандидатурата за градоначалник на општина Центар да поднесам и програма за развој на општината. Верувам дека заедно и обединети повторно ќе извојуваме уште една голема победа и верувам дека можеме уште подобро. Центар го може и го заслужува тоа“,
наведува Герасимовски.
Од 2013 година, СДСМ во континуитет го има градоначалничкото место во Центар и мнозинството во Советот на општината. По Андреј Жерновски, кој беше избран во 2013 година, на последните локални избори во 2017 година градоначалничката функција ја презема Саша Богдановиќ, кој дотогаш, исто така, беше претседател на општинската организација на СДСМ.
Богдановиќ е еден од актуелните градоначалници на СДСМ кој претендира на нов мандат, како што потврди неодамна и во изјава за „360 степени“. Тој рече дека повеќе месни организации на СДСМ во неговата Општина го номинирале за нова кандидатура, а тој деновиве ќе ја поднесе до партиската централа и својата програма, што значи дека ја прифаќа кандидатурата, за што очекува поддршка и од партиското раководство.
Како можна кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Центар се спомнува и директорката на Инфективната Клиника, Милена Стевановиќ, која неодамна стана член на новиот состав на Извршниот одбор на владејачката партија, а исто така е следна кандидатка за пратеничка на листата на коалицијата „Можеме“ во првата изборна единица.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека неговата партија кон крајот на август ќе ги објави повеќето кандидати за градоначалници за локалните избори во октомври, иако не ја исклучи можноста некои да бидат познати уште во јули.