На самитот на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, Фон дер Лајен во име на Европската комисија ја потврди посветеноста на соработката и поддршката на регионот во закрепнувањето по кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска повика на забрзување на проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.
На самитот на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, Фон дер Лајен во име на Европската комисија ја потврди посветеноста на соработката и поддршката на регионот во закрепнувањето по кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19.
„Нашиот прв приоритет е да ја забрзаме агендата за проширувањето низ целиот регион и да ги поддржиме нашите партнери од Западен Балкан во нивната работа со цел спроведување на потребните реформи за напредување на европскиот пат. Нашиот ангажман со Западен Балкан го надминува тоа, а Берлинскиот процес служеше како инкубатор за многу иницијативи кои сега станаа составен дел од политиката на ЕУ кон регионот. Заедно го отворивме патот за поодржлива, дигитална и поотпорна Европа“,
рече Фон дер Лајен.
Во соопштението на Европската комисија по состанокот се вели дека Брисел се фокусира на поддршка на регионот преку Економскиот и инвестициски план, кој предвидува 500 милиони евра инвестиции на ЕУ во регионот за 2021 година.
Комисијата, исто така, повика на понатамошен напредок во економската интеграција на регионот за да се искористат целосните придобивки од планираните инвестиции.
Комесарот за проширување Оливер Вархеји повтори дека премостувањето на социо-економскиот јаз меѓу Западен Балкан и ЕУ е клучно за процесот на проширување.
„Преку Економскиот и инвестициски план, ние носиме значителни можности за инвестиции во регионот. Сега останува на регионот добро да ги искористи со примена на неговиот целосен економски потенцијал и воспоставување на заеднички регионален пазар заснован на правилата на ЕУ“,
рече Вархеји.
Овогодишниот самит исто така беше можност да се означи влегувањето во сила на договорот со кој се укинуваат цените за роаминг во регионот.
Следниот чекор во подготовката е патот за постепено укинување на цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ, се вели во соопштението на Европската комисија.
Се додава и дека ЕУ донесе одлука да ги вклучи партнерите од Западен Балкан на списокот на трети земји за кои треба да се укинат ограничувањата за патувања, но исто така и да се обезбеди финансиска и техничка поддршка за вклучување на Западен Балкан во системот на ЕУ за дигитален ковид сертификат.
Денешниот самит во рамките на Берлинскиот процес е осми по ред и на него, преку видеоконференција, учествуваа шефовите на држави или влади од Западен Балкан, нивни колеги од девет земји-членки на ЕУ, Велика Британија и високи претставници на институции на ЕУ.
Домаќин на состанокот беше германската канцеларка Ангела Меркел.