Листата од 2001 година ја прави Репортери без граници и на неа се наоѓаат 37 шефови на држжави и влади во светот
Репортери без граници (РСФ) за првпат вклучија премиер на земја-членка на ЕУ на својата листа „непријатели на слободата на медиумите“. Тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Откако Виктор Орбан и неговата партија Фидес дојдоа на власт во 2010 година, тие ги ставаат медиумите под нивна контрола чекор по чекор. Јавните медиуми се централизирани во државниот медиумски холдинг МТВА, кој ја вклучува единствената унгарска новинска агенција МТИ. Регионалниот печат е во целосна сопственост на претприемачи кои се пријателски расположени кон Орбан, од летото 2017 година. Во есента 2018 година, скоро 500 провладини медиумски компании беа споени во холдинг-компанија со цел централно координирање на нивното известување“,
објави организацијата во Берлин.
На листата „непријатели на слободата на медиумите“ има 37 шефови на држави и влади за кои Репортери без граници сметаат дека безмилосно ја потиснуваат слободата на печатот.

Нови на списокот, заедно со Орбан, се бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој постојано поттикнуваше непријателски однос кон медиумите и саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман, за кого РСФ вели дека е одговорен за злосторства против човештвото и, меѓу другото, за убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Новата на листата е и лидерот на Хонг Конг, Кери Лам.
„Во кинескиот специјален административен регион,’ Епл Дејли’, симболот на слободата на печатот, мораше да престане да работи во јуни“,
велат од организацијата за заштита на слободата на медиумите.
РСФ ја објавува својата листа на „непријатели на слободата на медиумите“ од 2001 година.