Дел од водечките европски весници одбија да ја објават платената реклама потпишана од унгарскиот премиер Виктор Орбан, со образложение дека не сакаат да му дадат простор на политичарот обвинет за подривање на човековите права и слободата на медиумите
Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан со платена реклама во хрватскиот „Вечерњи лист“ објави текст насловен „За иднината на ЕУ“, во кој се наведени седум предлози од Унгарија.
Во објавата, во која земјата уште еднаш ги повтори критиките кои со години ги упатува до Брисел, унгарската влада меѓу седумте приорите за спас на Унијата порачува: „Србија да влезе во Европската Унија“.
Ние велиме „не“ на европската империја, пишува во огласот во кој унгарската влада порачува дека во Брисел се гради супер-држава за која никој не дал овластувања, дека мора да се врати европската демократија и да се зголеми улогата на националните парламенти, критикува дека одлуките ги носат меѓународни невладини организации, а не избраните лидери и предупредува дека следната деценија ќе биде период со предизвици – масовни миграции и пандемии и дека мора да се заштитат луѓето во Европа.
Во последната точка од огласот се вели дека Србија треба да стане дел од ЕУ.

Кој ги следи меѓународните односи, сигурно не е изненаден, пишува „Јутарњи лист“. Уште во 2018 година западни дипломати предупредуваа дека Орбан работи долго време на посилен сојуз на земјите членки од Источна Европа со земјите кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан и дека заедно ќе заговараат импелемнтирање на долгорочна реформа „Европска нација“. Орбан јасно им се обраќа на конзервативците ширум Европската Унија, кои, како него, се склони кон теории дека на Европа и се закануваат „либералните сили“, невладините организации, Сорос, ЛГБТ заедницата и мигрантите, пишува медиумот.
Огласот доаѓа по последниот самит на ЕУ, на кој дел од лидерите на ЕУ остро му порачаа на Орбан да ја напушти Унијата, ако нема намера да ги почитува принципите врз кои е создадена – од основните човекови права, владеење на правото и независност на судството до слобода на медиумите.
Унгарија во последните години, а особено во последните неколку недели е мета на критики, претежно од западни членки на ЕУ, за владеењето на правото, независноста на судството, човековите права и третманот на мигрантите, но е посочена и дека проектира поинаков модел на Унијата, многу помалку интегриран и со помала моќ во Брисел.
Земјата со години е главен сојузник на Србија во рамките на ЕУ, а двајцата лидери Виктор Орбан и Александар Вучиќ имаат многу блиски односи. Минатото лето словенечкиот премиер Јанез Јанша учествуваше со Орбан и Вучиќ на веб-конференција за европските предизвици и потрагата по заеднички европски идентитет. Тројцата се согласија дека сакаат „силна и конкурентна Европа што е дом на различни народи“, а не федералистичка Европа што ќе ги занемари идентитетите и историското наследство на одделни народи.
По објавата на огласот, Хрватска која досега јавно не ја критикуваше Унгарија, овој пат се дистанцира од нејзините ставови.
„Хрватска инсистира на проширување засновано врз доследно исполнување на критериумите за членство, спроведување на неопходните реформи и постигнување мерливи резултати. Ова важи за сите земји аспиранти за членство, вклучително и за Србија“,
порачаа од хрватското Министерството за надворешни и европски работи.
Иако не постојат прецизни правила за тоа како една влада може да објави оглас во друга земја на ЕУ, тоа секако не е редновна пракса. Такви примери има во случај кога една земја промовира туризам, некој настан или, на пример, приоритети од претседателството со Европската Унија. Сепак, ваквото директно промовирање на политички ставови преку платени реклами, потпишано од премиерот, е реткост.
Дел од водечките европски весници одбија да ја објават платената реклама потпишана од унгарскиот премиер Виктор Орбан, со образложение дека не сакаат да му дадат простор на политичарот обвинет за подривање на човековите права и слободата на медиумите.