Бројката на активни случаи е 151, од кои 67 се во Скопје, додека во најголем дел од општините во земјава веќе извесно време нема заболени. Сепак, Комисијата за заразни болести утре ќе се разговара за евентуални нови мерки за границата, против ширењето на делта сојот на вирусот
Четири нови случаи на ковид-19 се регистрирани во последните 24 часа, по два во Скопје и во Тетово, а од вкупно 2 760 тестирања.
Како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани се 6 оздравени пациенти од: Велес и Кичево – по 2, Битола и Свети Николе – по 1, а нема починати.
Досега во земјата се направени вкупно 890 381 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја, од почетокот на епидемијата, изнесува 155 710, бројката на оздравени пациенти е 150 073, на починати е 5 486. Бројката на активни случаи изнесува 151, од кои 67 се во Скопје.
Во Куманово има 10 активни случаи, во Тетово 19, во Охрид 11 и во Кичево 13. Во другите општини во земјава, бројките на активни случаи се едноцифрени, но во најголем дел веќе извесно време нема заболени од коронавирус.
Сепак, Комисијата за заразни болести утре ќе се разговара за евентуални нови мерки за заштита на границата, против ширењето на делта сојот на вирусот, иако епидемиолошката ситуација моментно се оценува како стабилна.
Комисијата треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.
Инаку, Министерството за здравство најмногу е фокусирано на вакцинацијата, а министерот Венко Филипче очекува до петок следната недела да бидат вакцинирани околу 500 000 граѓани.