Наместо заштита на малолетници, државата свесно ќе отвори пат на нелегално обложување во импровизирани и скриени објекти, каде практично ќе нема никаква контрола врз играчите, велат од АСОМ
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) повторно реагираа во врска со измените на Законот за игри на среќа, со кои, меѓу другото, се предвидува дистанца од 500 метри на ообјектите од образовни институции. Од таму посочуваат дека ваквиот предлог е практично невозможно да се спроведе на терен, бидејќи, како што велат, дистанцирање од една образовна институција едноставно го доближува објектот до друга.
„Така, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка“,
се наведува во соопштението на АСОМ.
Асоцијацијата оценува дека ваквите измените на Законот ќе доведат до затворање на објектите за игри на среќа, негативни социјални ефекти и огромни загуби за државата.
„И натаму тврдиме дека целта на ваквиот предлог не е унапредување на индустријата, заштита на играчите или пак зголемување на приходите во буџетот. Ако приредувачите на игрите на среќа стават клуч на своите објекти, речиси 10.000 директно вработени во индустријата остануваат без работа, а државата останува без повеќе од 250 милиони евра кои по сите основи се слеваат во буџетската каса од игрите на среќа. Но, она што е уште поважно, наместо заштита на малолетници, државата свесно ќе отвори пат на нелегално обложување во импровизирани и скриени објекти, каде практично ќе нема никаква контрола врз играчите„, се наведува во соопштението на АСОМ, во кое се додава дека законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и правен без соодветни анализи за можните негативни импликации од негово усвојување
Асоцијацијата посочува дека и покрај нејзините и бројните укажувања на другите приредувачи на игрите на среќа, испратени анализи и предлози за унапредување на индустријата и носење квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени, предлог измените на Законот за игри на среќа со спорните 500 метри, Министерството за финасии ги достави до Собранието.
„Уште еднаш посочуваме дека овој закон за нас е неприфатлив и ние сме подготвени да ги искористиме сите расположиви средства да спречиме тој да се донесе. Државата мора да биде свесна дека ако усвои ваков скандалозен закон, на улица ќе излезат сите 10.000 вработени во индустријата, но и вработени во други стопански гранки кои директно зависат од нашата работа“,
се додава во соопштението на АСОМ.