Словенечкиот премиер во изјавата порачува дека Бугарија и Словенија се во едно семејство и оти прво доаѓа неговиот интерес, но и дека мора да се постигне компромис. Тој предупредува дека ако ЕУ не подаде рака, други ќе го прошират своето влијание на Западен Балкан
Премиерот на Словенија, земја која од вчера го претседава со Советот на ЕУ, Јанез Јанша за Бугарското национално радио (БНР) изјавил дека ја сфаќа позицијата на Бугарија околу нејзиното вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи таа е земја-членка на Унијата, но дека мора да се најде компромис.
„Кога сме во едно семејство, прво доаѓа неговиот интерес, а потоа на останатите. Мора да се однесуваме како семејство, во спротивно тоа е под закана. Но, мора да се обидеме и да најдеме компромис. Последниот предлог на португалското претседателство беше продолжување на преговорите. Добро е Бугарија да прифати нација која зборува сличен јазик и има слична култура. Можеби тоа е спорна точна, но треба да имаме стратешки поглед кон работите“,
истакнал Јанша одговарајќи на прашање на БНР.
Словенечкиот премиер во бугарската јавност порачува дека проширувањето на ЕУ е и мора да остане приоритет, како и дека Западен Балкан заслужува европска иднина.
„Мора да се подаде рака. Во спротивно, други ќе го прошират своето влијание врз нив“,
предупредува Јанша.
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој учествуваше на „Преспа форумот“ што вчера и денеска се одржа во Охрид и Отешево, најави дека наредната недела ќе отпатува во Софија заедно со Јанша и шефот на словенечката дипломатија Анже Логар.
И бугарските медиуми јавуваат дека делегација од Словенија ќе ја посети Софија со оглед дека Логар најавил дека една од првите посети во претстојниот период ќе биде во Бугарија.