Новинарите на „360 степени“, Петар Клинчарски и Ирена Каревска, се добитници на наградата „Гласник на невидливите“ – признание што го доделува „Националната платформа за борба против сиромаштијата“.

Петар Клинчарски е награден за сторијата „Без државјанство во време на пандемија – законски препознаени, во реалноста сè уште невидливи“, во која главен фокус се лицата без државјанство и нивните проблеми, особено во време на ковид-19.
Новинарката Ирена Каревска ја доби наградата „Гласник на невидливите“ за сторијата „Леон доби правда во Стразбур, но ќе ја дочека ли и дома?“, во која се опишува животната приказна на првото дете со попреченост кое доби тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права. Во сторијата одблизу се прикажува животот на лицата со попречености во центрите за рехабилитација.
Наградата „Гласник на невидливите“ им се доделува на новинари што известуваат за ранливите категории граѓани, сиромаштијата и за социјалната исклученост.
Преку овие признанија, „Македонската платформа против сиромаштијата“ изразува благодарност до новинарите што пишуваат на социјални теми и им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи.