Грција ги отвора сите копнени гранични премини со соседните земји, и тоа со работно време од 24 часа. Македонските граѓани ќе може да патуваат за Грција и преку граничните премини Меџитлија и Дојран.
Како што најавија грчката заменик-министерка за туризам Софија Захараки и шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун, Марија Андониу, копнените гранични премини кои ќе работат се: Промахонас, Евзони, Ники, Дојран, Кастањес, Кипи, Орменио, Нимфеа, Кристалопиги и Какавија.
Според Андониу, Ексохи кон Бугарија, од утре ќе работи 24 часа, а Мавромати кон Албанија до 7 јули ќе функционира под актуелните правила, односно од 8 до 16 часот и дозволен влез на најмногу 250 лица.
Одлуката за работа на граничните премини ќе стапи во сила откако претходно ќе биде објавена во „Службен весник“ во Грција.