Министерството за образование и наука денеска одржа втора „рунда“ преговори со издавачките куќи кои ги печатат т.н. кембриџ-учебници. Првиот обид пропадна бидејќи издавачките куќи не сакаа да достават договори за авторски права на учебниците и пресметка за начинот на формирање на цената. Тие услови, сега, не беа проблем за издавачите кои доставија и документација за која претходно негодуваа
Додека течат процедурите за откуп, се чека и реакција од Обвинителството до кое МОН достави материјали за целиот процес на воведување на учебниците адаптирани според програмите на „Кембриџ“. Владиниот ресор се сомнева дека дел од учебниците избрани во 2014 и 2015 година имале пониски оценки за разлика од други книги, па сепак добиле решенија за употреба. Издавачките куќи тврдат дека постапката е чиста
Еден месец по првиот неуспешен обид за откуп на учебниците за основно образование, Комисијата на Министерството за образование и наука и издавачките куќи денеска повторно седнаа на преговори. За разлика од претходниот пат, кога понудите на дел од издавачите беа отфрлени како нецелосни бидејќи не доставиле договори за авторски права и пресметка како ја формираат цената, овојпат битка се водеше само за откупните цени на учебниците.
На отворањето на преговорите, членовите на Комисијата на МОН оценија дека издавачките куќи, меѓу кои и „Арс Ламина“ и „Арберија Дизајн“ кои практично имаат монопол за печатење на т.н. „кембриџ-учебници“, овојпат доставиле целосни документиции и докази за нивните авторски права врз учебниците и начинот на кој ја формираат цената.

Двете издавачки куќи претходно негодуваа дека овие документи не смеат да им се бараат во овој дел од постапката, бидејќи своите авторски права веќе еднаш ги докажале во процедурите за првичното одбрување на учебниците. За начинот на кој ја пресметуваат цената на чинење на учебник, пак, тврдеа дека е процес кој зависи од многу фактори.
Откако понудите „поминаа“ како комплетни, почнаа да се „кршат копја“ околу висината на откупната цена за учебниците, која се формира во директни преговори меѓу издавачите и МОН.
МОН бара попуст, издавачи се жалат на медиумски притисок
МОН ги побара авторските права и начинот на формирање на цената за прв пат при откуп на учебници по воведувањето на Кембриџ програмата. Објаснувањето од владиниот ресор е дека сакаат да дојдат до реалните цени за учебниците, кои варираат од година во година. Затоа побара од издавачите да прикажат формула по која ја формираат откупната цена и да кажат колку ги чини авторското право, печатењето, дистрибуција итн.
Откако се отворија понудите, двете страни почнаа да се ценкаат за цените на учебниците.

Издавачката куќа „Албас“, на пример, достави вкупна понуда од 4,5 милиони денари со ДДВ (73 000 евра) за нивните учебници. По речиси еден час преговори со Комисијата, во кои издавачот посочи дека годинава има зголемени трошоци и се пожали дека МОН притиска за дополнителен попуст, „Албас“ попушти и двете страни се договорија за 2 отсто пониска цена од првичната понуда.
Издавачката куќа „Арберија Дизајн“, која го има екслузивното право за дел од т.н „кембриџ-учебници“ достави понуда од нешто повеќе од 16 милиони денари (260 000 евра), со минимално покачување на цените по учебник од помалку од 1 отсто за разлика од лани.

Комисијата бараше попуст од 15%, додека претставникот на „Арберија Дизајн“ понуди 10 отсто попуст на целата понуда. Претставниците на МОН тврдеа дека во пресметката на цената, многу е скапа ставката печатење.
„Ако ги одбиеме авторските права и дистрибуцијата, испаѓа многу висока цената по страна на печатење“,
забележаа членовите на Комисијата при МОН.
Од издавачката куќа „Арберија Дизајн“ аргументираа дека имаат многу непредвидливи трошоци и проблеми со дистрибуцијата на учебниците. По подолго ценкање, падна компромис за 12% попуст на целата понуда, па вкупната вредноста на договорот се спушти за околу 2 милиони денари (32 000 евра).
Не завршија докрај само преговорите со издавачката куќа „Арс Ламина“. Претставниците на МОН не се договорија со издавачката куќа за откупната цена на учебниците за основно образование, туку само за придружниот дидактички материјал.

Од „Арс Ламина“ првично понудија 5% повисоки цени од лани. По подолго преговарање, издавачат рече дека е подготовен да даде попуст од најмногу 10%. Но, таа понуда не беше прифатлива за МОН, од каде бараа 17% помала цена од првичната вкупна понуда од 55,4 милиони денари (900 000 евра).
По ова, издавачката куќа побара дополнително време за калкулации, па се договорија со МОН преговорите да продолжат утре, кога ќе се преговара за учебниците за средно образование.
„Арс Ламина“ и МОН се договорија само за откупот на работни тетратки – за кои падна договор за 8% попуст од првичната понуда. Од МОН инсистираа на поголем попуст со образложение дека е ограничен планираниот буџет за откуп на учебниците и придружните материјали. На тоа, издавачот одговори дека „не му е јасно по кои параметри МОН планирал толкав буџет, освен под медиумски притисок.“
На крајот, од првичната понуда од 31 351 579 денари (510 000 евра) за дидактички материјали, МОН и „Арс Ламина“ се договорија за цена од 28 843 453 денари (470 000 евра).
На потег е ОЈО
Додека течат преговори за откупот на учебниците, паралелно Министерството за образование и наука го „чешлаше“ процесот на одобрување на т.н „кембриџ-учебници“, откако првично, издавачите одбија да достават авторски права и одобренија за употреба од Меѓународниот центар „Кембриџ“.
По неуспешниот старт на преговорите, издавачките куќи доставиле ваква документација, но „360 степени“ во преписка со „Кембриџ“ откри дека одобренијата на учебниците важат само за учебниците издадени до 2017 година. После направените измени во дел од содржините во 2018 година учебниците го губат знакот „Кембриџ“ и веќе немаат одобрение од странство.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска во интервју за „360 степени“ вели дека, законски, издавачите не се обврзани да добијат нови одобренија од Кембриџ по направените корекции, но дека Комисијата во МОН направила ревизија на сите постапки за одобрување на учебниците, а заклучоците вели дека ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство. Таа посочи дека Комисијата утврдила дека во процесот на одобрување на т.н. кембриџ-учебници имало книги кои иако имале повисоки поени не добиле одобрение за употреба, додека други учебници добиле такви решенија иако имале пониски оценки.
Од Основното јавно обвинителство не одговорија дали ги добиле овие заклучоци и како ќе постапат по нив. Другата страна пак, тврди дека нема ништо спорно во целата процедура.
„Ние сме чисти“,
кусо порача денеска претставникот од „Арберија Дизајн“.
Пазарни цени и цени на пазар
По воведувањето на т.н. кембриџ-учебници, со законски измени за време на владите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се воведе и правило дека за еден предмет може да има само еден учебник. Така, кога државата купува учебници пред стартот на новата учебна година практично не може да спроведе конкуретна јавна набавка на која издавачите би се „тркале“ со пониска цена. Наместо тоа, се води постапка за преговарање и тоа само со конкретниот издавач за тој учебник што отвора голем простор за манипулации со цената. Владата, всушност, не знае колку реално чини учебникот кој го купува.
Дека откупните цени на учебниците кои успева да ги постигне МОН на преговори и не се најевтините, како што сугерира економската логика, „360 степени“ успеа да го покаже и со пример. Некои од учебниците беа речиси двојно поевтини во книжара, отколку што МОН ги купува со преговори. А такво нешто е забрането со закон.
По сторијата на „360 степени“ на терен излегоа и пазарниот и просветниот инспекторат, но ниту една институција не се најде за надлежна да постапува понатаму, бидејќи Законот за учебници не предвидува казни доколку некој ги прекрши одредбите од истиот.