Кој да ги достави амандманите на предлог-законот за јавно обвинителство по јавната расправа – партиите или експертите? Околу ова прашање се главните несогласувања меѓу власта и опозицијата, по денешната средба на која учествуваа претставници на политичките партии и пратеничките групи кои се дел од актуелниот парламентарен состав.

Средбата се организираше откако претходно два дена во Собранието имаше јавна расправа на оваа тема на која учествуваа професори, адвокати, обвинители…
По состанокот, министерката за правда Рената Дескоска, без да прецизира кои, рече дека дел од забелешките од дискусијата се прифатливи, но ќе почека до утре до 12 часот партиите да достават амандмани.
„Од ВМРО-ДПМНЕ не дадоа сопствени амандмани туку прочитаа забелешки кои наводно излегле од јавната расправа и се повикуваат на членови од искажувањата на правните експерти. Ние отворивме дури и дебата за толкувањето на определени ставови на експертите и видовме дека има различно читање на одредени ставови, така што се побара од нив да подготват амандмани исто како и другите групи и тоа да го направат утре до 12 часот. Секако, очекуваме ако имаат конститутивен приод во носењето тоа да го направат, но останува и нивното право да не дадат амандмани“,
изјави Дескоска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се на став дека наместо партиите да достават амандмани, Министерството треба да ги повика професорите што ги изнеле забелешките да учествуваат во подготовката на законското решение. Образложението на Антонио Милошоски за ваков предлог е да се избегне политизација на законот.
„Бидејќи не успеавме да се договориме чиј правен аргумент е посилен, одлучивме на министерката за правда да ѝ ги предочиме забелешките што експертите ги дадоа по однос на работната верзија за околу 25 члена. Од нив никој не го негираше концептот и структурата, но најголемиот дел од нив го оценија како нецелосен и фаличен и како текст кому му треба големо подобрување за да можеме да имаме ефикасен закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека Министерството ќе биде на ниво на задачата, да ги исконтактира експертите и да го подобри текстот на законот“,
изјави Милошоски.
Артан Груби од ДУИ, пак, рече дека очекува консензус.
Тие, како што рече тој, побарале во законот за ЈО да се отслика Законот за јазиците и да се намалат критериумите за да има соодветна етничка застапеност. На денешната средба реагирале и зашто 10 амандмани што претходно биле усогласени на Комисијата за европски прашања, сега не биле инкорпорирани во предлог-законот.
Кога станува збор за останатите пратенички групи, според изјавата на Дескоска, некои веќе ги изготвиле забелешките и амандманите и ги доставиле, додека други ги изнеле ставовите и ветиле дека до утре ќе испратат амандмани.
В понеделник, најави таа, веројатно ќе се организира уште една средба во поширок состав.
*Поврзана вест:
ДУИ во Собрание го достави предлог-законот за ветинг, очекува да биде усвоен пред изборите