Во рамки на работната посета на Турција, македонскиот претседател денеска се сретна со Ердоган, но и со потпретседателот на ЕК
Претседателот Стево Пендаровски утре ја продолжува посетата на Турција, со средба со вселенскиот патријах Вартоломеј во Истанбул.
Во рамки на работна посета на Турција, каде што во Анталија учествуваше на Самитот на претседатели на држави и влади на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, Пендаровски денеска се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Македонскиот претседател денеска оствари средба и со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Унија, Жозеп Борел.
На средбата, како што се соопштува, биле разменети мислења за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Северна Македонија, како и за напредокот во клучните области.
Пендаровски , како што соопштија од неговиот кабинет, го реафирмирал очекувањето Европската Унија да ги валоризира севкупните напори на државата и да биде направен исчекор во однос на почетокот на пристапите преговори за членство, во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион. Во светло на последниот развој на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, двајцата соговорници разговарале и за односите меѓу двете земји, осврнувсјќи се на напорите на португалското претседателство со ЕУ и можностите за надминување на отворените прашања во пресрет на претстојниот Совет за општи работи на Унијата.
Во септември минатата година, Пендаровски му испрати писмо на Вартоломеј, на почетокот на новата црковна година. Во писмото до вселенскиот патријарх, македонскиот претседател побара да го искористи негово „апелационо право“, за православните христијани од земјава конечно да бидат еднакви со другите во светот.
Веднаш потоа, писмо до Вартоломеј испрати и премиерот Зоран Заев.