Пратениците на ЕП, Шидер, Кјучук и Валсман, кон крајот на денот, ќе имаат работна вечера со лидерите на седумте парламентарни партии
Важно e средбите меѓу лидерите на парламентарните партии, во рамки на дијалогот „Жан Моне“, да завршат со позитивен исход. Ова е заклучокот од денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со европратениците Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, кои се копретседавачи со дијалогот „Жан Моне“.
Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, на средбата се размениле мислења и информации за политичката состојба во државата, за тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и за актуелните политички состојби во Унијата.
„Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека нашата држава високо ја цени постојаната принципиелна поддршка од Европскиот парламент и посветеноста во однос на процесот на проширување“,
се вели во соопштението од кабинетот на Претседателот.

Денеска во 13:40 часот е закажана третата парламентарна средба во рамки на процесот „Жан Моне“, на која ќе учествуваат и европратениците Кјучук, Шиедер и Валсман. Дебатата ќе продолжи утре, а на крајот на денот е предвидена работна вечера на европратениците со лидерите на седумте парламентарни партии, кои настапуваа самостојно на изборите во 2016 година или, пак, предводеа коалиции.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е еден од учесниците во процесот „Жан Моне“, веќе изјави дека нема големи очекувања од новата сесија во парламентот. Тој не очекува дека во дводневната дебата ќе бидат доближени позициите на мнозинството и опозицијата за одредени спорни прашања.
Се очекува на оваа средба да стане збор и за евроинтеграцискиот процес и за претстојните предвремени парламентарни избори.