Од Министерството за здравство стапиле во контакт со претставничките на Иницијативата за вакцинација на трудници после половина час откако „360 степени“ објави дека во недостаток на државна стратегија за оваа група на граѓани, приморани се да патуваат во странство со цел да се вакцинираат против ковид.
Според информациите на „360 степени“, од Министерството за здравство стапиле во контакт со Инцијативата за вакцинација на трудници и им закажале термини во текот на утрешниот ден во СЦ „Борис Трајковски“ во 14 часот на пунктовите од 7 до 12. Голем дел од бремените запишани на списокот веќе се породиле, а дел пак се вакцинирале во Србија и Бугарија.
Како што претходно објавивме, Иницијативата за вакцинација на трудници со „Фајзер“ бараа здравствените власти да ги третираат како приоритетна категорија. На списоците што ги доставиле до Министерството за здравство имало повеќе од 400 пријавени за вакцинација, но од надлежните до денеска немаа конкретен одговор.
Во отсуство на државна стратегија, трудници од Македонија на своја рака се вакцинираа во Србија и во Бугарија, притоа патувајќи повеќе од 200 километри.